Голем број Руси побрзаа да купат билети во еден правец за да ја напуштат земја додека можат откако претседателот Владимир Путин најави делумна мобилизација на резервисти поради војната во Украина.
Места за авионските летови кои заминуваат од Русија речиси и да нема, а цените на преостанатите се вивнаа до небо, откако голем број граѓани, поттикнати од стравот дека државните граници наскоро би можеле да се затворат, побрзаа да ја напуштат земјата.
Билетите за летот од Москва до Белград со кој оперира Ер Србија се продадени за следните неколку дена. Цената за летовите од Москва кон Истанбул или Дубаи се зголемуваат секоја минута и достигнаа цена од 9.200 евра во еден правец со економска класа.
Декретот на Путин наведува дека бројот на резервистите кои ќе се мобилизираат ќе биде одлучен од Министерството за одбрана. Министерот Сергеј Шојгу изјави дека првично ќе бидат мобилизирани 300.000 резервисти со претходно борбено искуство во службата.
Брзо потоа се појавија првите извештаи за паника кај руските граѓани на социјалните мрежи. Антивоени групи соопштија дека ограничениот број на авионски карти за заминување од Русија достигнале енормни цени поради големата побарувачка и брзо станале недостапни.
Во обид да се смири паниката, претседателот на Комисијата за одбрана во рускиот парламент, Андреј Картаполов изјави дека властите нема да го ограничуваат заминувањето на резервистите од земјата.
Според информациите од невладини организации, за летовите до Белград нема места до средината на октомври, а распродадени се и билетите за Турција, Грузија и Ерменија.