Веќе трет ден има голем пожар во националниот парк „Преспа“, кај Пустец, Мала Преспа, јави дописничката на МИА од Тирана.

Пожарот избувнал во близина на албанско-грчката граница, а во неговото гаснење најпрво била вклучена територијалната противпожарна едница од Пустец, а денеска уште други пет возила и повеќе пожарникари.  

Според вработените, интервенцијата е тешка, бидејќи пожарот се наоѓа на врвот на планината „Остоја“, местото наречено Пирамида 10 на границата со Грција. Гори високо стеблеста шума. 

 – Поради опасноста за проширување на пожарот и на грчка страна, попладнево во гаснењето е вклучена  грчката општина Преспа со два помали авиони. Во телефонскиот разговор со генералниот директор на Центарот за управување со кризи, Хаки Чако, во каснењето на пожарот ќе се вклучи и армијата, како и пожарникари од други општини од регионот Корча, наведуваат албанските медиуми.

 

Чако информирал дека засега нема опасност по населените места.

Нема информации дали постои  опасност за проширување на пожарот и на македонска територија.

Попладнево, според медиумите, реактивиран е пожарот  во селото Сух, општина Либохо кај Ѓирокастро, кој претставува опасност за блиските куќи.