Македонската православна црква – Охриска архиепископија МПЦ – ОА синоќа на собир против законите за родова еднаквост и за матична евиденција упати пораки до верниците да застанат во одбрана на семејството оформено од еден маж и една жена, да престане унакажувањето на образовниот систем со родова идеологија и сексуализација на најмладите.
Од МПЦ-ОА истакнаа и дека жените не сакаат лажна еднаквост и лажни права.
За МПЦ-ОА, како што истакна поглаварот г.г Стефан, „двата несреќни закони“ – за родова еднаквост и матична евиденција, целат не само да ја секуларизираат црквата, туку и да ја присилат да зборува со некојси светски поредок кој им е туѓ на апостолите, светите оци и светото Евангелие.
Како што рече г.г Стефан, верниците на МПЦ заедно со претставници на сите цркви и верски заедници се собрале за да им кажат ДА на животот и на светоста на семејството оформено од еден маж и една жена, за да кажеме дека ќе ги браниме нашите најмили – децата од неприфатливи и нагрдувачки нови идеологии.
-Денес светот го окупира нова идеолошка пропаганда на која и во нашето општество и го гледаме вистинското лице. Се подметнува поимот род кој е свесно избран. Има убав контекст, но во намерите на новите теоретичари и идеолози не носи ништо добро. Сосема ги разбираме загриженоста и стравот, особено на родителите за иднината на своите деца, ако тие два закона или нови слични закони станат обрзувачка реалност, рече г.г. Стефан, апелирајќи, „да престане унакажувањето на образовниот систем со родова идеологија и сексуализација на нашите најмлади, да престане крајно неприфатливото – да им се одзема на родителите од нивните родителски права и на децата од нивното детство.
Свесни сме, посочи поглаварот на МПЦ-ОА, за намерите на организации и движења кои зајакнаа, влегоа во државните институции и пишуваат закони како двата несреќни закона – за родова еднаквост и матична евиденција, кои целат не само да ја секуларизираат црквата, туку и да ја присилат да зборува со некојси светски поредок кој им е туѓ на апостолите, светите отци и светото Евангелие. И кога најдобронамерно ќе кажеме нешто, се обидуваат да не замолчат со промена на тезите за секуларниот, световен карактер на државата, секогаш како по правило, толкувајќи ја секуларноста спротивна на Уставот, во кој Црквата и останатите верски заедници имаат свое место и свои загарнтирани права, рече г. г. Стефан.
Осврнувајќи се и на ставот на Црквата кон жената, наведе дека жените во земјава не сакаат лажна еднаквост и лажни права, и не сакаат да бидат ослободувани од Црквата каде ја живеат својата вистинска слобода. Црквата, потенцираше, е преполна со смели, самостојни и реализирани жени кои доаѓаат самостојно и во неа гледаат сигурно засолништво од овој заразан бунт.
Против законите се и останатите верски заедници во државава, од кои поголемиот дел имаа и свои претставници на протестот, а нивните поглавари на заедничка средба минатиот месец порачаа дека законите се спротивни на религиозните принципи и тие нема да бидат поддржани. Законите нема да ги поддржат и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, чии претставници исто така беа дел од собирот.
Од Исламската верска заедница, кои поради празникот не присуствуваа на собирот, преку соопштение повторија дека се против донесување на законите за родова еднаквост и за матична евиденција и во однос на спорните закони, за кои се отвори дебата во јавноста, се „пред се заштита на традиционалните семејни вредности, и по структура и по морал“.
-Заштитата на семејството и човечкиот ген е основен принцип од кој не можеме да се оградиме, бидејќи тоа е сржта на здравото општество. Историски гледано, во минатото, во моментов и во иднина, ИВЗ секогаш ќе застане во одбрана на националните, верски, морални и духовни вредности, бидејќи заштитата на овие вредности е верска обврска за заштита на човечкото општество. Секоја иницијатива, која било идеја или правен принцип што е во спротивност со човековата природа е неприфатлива за ИВЗ. Според информациите со кои располагаме, спорните закони во Собранието се повлечени од понатамошни процедури и за ова и честитаме на Владата за преземањето на таквиот чекор, соопшти ИВЗ.
Во коментар за собирот на МПЦ во пресрет на неговото одржување, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, рече дека легитимно право е на секого да организира протест, но дека е и легитимно право и да биде кажана вистината за двата закони, и за дефинициите и за механизмите.
Според Тренчевска, родовата еднаквост, не е исто што и половата еднаквост.
Таа истакна дека продолжува широкиот консултативен процес за законот за родова еднаквост, за да ги слушнат сите заинтересирани чинители и да се дојде до решение кое ќе одговара на целото општество. Предлог законот, посочи таа, не е ниту во собраниска ниту во владина процедура.
Министерката тврди дека законот за родова еднаквост ја унапредува положбата на жените во сите сфери на општественото живеење, но оти со него не се третираат менување на полот и истополовите бракови.
-Законот за матична евиденција го третира родовиот идентитет, односно можноста на трансродово лице да може да ја смени ознаката во матичниот број онаму каде што се обележува родот, а Законот за родова еднаквост се фокусира на унапредување на положбата на жените во општество. Не губиме ништо од она што во моментот го имаме како право, рече Тренчевска, дополнувајќи дека проблемот, настаналсо спојувањето на двата закона, кои како што рече, третираат различна проблематика.
Како што потсети Тренчевска, Владата во март минатата година на седница донесе одлука да се повлече од собраниска процедура законот за измени и дополнување на Законот за матична евиденција, за да се прошири консултативниот процес и да се изнајде решение кое ќе одговара на сите засегнати чинители во општеството.