Голема акција низ пазарите ширум земјава. 30 пазарни инспектори заедно со финансиската полиција и УЈП ги тресеа тезгите во Скопје, Струмица и Дебар. Проверувале дали се почитуваат замрзнатите цени на овошјето и зеленчукот. Дали и колку казни имаат пишано, ќе се знае задутре. Прв на удар на контролите беше кванташкиот пазар.

Продавачите на кванташки кои не сакаа да зборуваат пред камера ни рекоа дека инспекторите проверувале буквално се. Направиле увид во цените, а ги чешлале и документите во сите правни субјекти овде.

ТВ Сител направи обиколка и на останатите скопски пазари. Пазарџиите велат дека инспекции им дошле и вчера и завчера, но неправилности не утврдиле. Се пожалија дека изминатите денови работат со загуба.

Од друга страна, пак, купувачите,тврдат дека е поисплатливо да купат овошје и зеленчук во маркет, наместо на пазар. Уште денеска забележале зголемени цени на тезгите, иако замрзнатите цени треба да важат до вторник.

Откако надлежните утврдија дека дел од увозниците покажувале лажни фактури за да избегнат царински давачки, денеска од Царина ни рекоа дека веќе почнале да собираат документација.

„Доколку се потврдат сомневањата, ќе се покрене постапка за дополнителна наплата и утврдување на прекршочна или кривична одговорност во зависност од износот на избегнатите давачки. Врз основа на наодите, соодветно ќе постапат и останатите надлежни институции.“, велат од Царина за Сител.

Лажните пониски фактури создале и лажна слика за тоа колку треба да поевтини овошјето и зеленчукот, па во вторник дел од производите со замрзната цена повторно ќе поскапат.