Голема епидемија на легионелоза во полскиот град Жешов и околината уби 19 луѓе, соопштија денеска локалните здравствени власти. Сите починати страдале од други болести, соопшти здравствениот оддел на југоисточниот полски град. Бројот на заразени со бактеријата се искачи на 160, од кои 107 потекнуваат од Жешов.
Градот со околу 196 илјади жители се наоѓа на 250 километри јужно од Варшава, кон границата со Украина.
Легионелозата може да предизвика симптоми слични на грип, но и потешка пневмонија кај луѓето. Патогените често се пренесуваат со атомизирана вода, на пример во тушеви, отворени базени, навлажнувачи или преку чешми за вода. Бактеријата може да живее во мали количини речиси насекаде во водата, а идеални услови за раст се на температури меѓу 25 и 45 Целзиусови степени.
Луѓето со ослабен имунолошки систем или со болести како што се дијабетес или болести на срцето и белите дробови се особено подложни. Пушачите и постарите луѓе исто така имаат поголем ризик од инфекција. Легионелозата може да биде фатална кај околу пет до десет проценти од пациентите.