Ако продолжиме вака ќе го испуштиме Ифтар, рече министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, откако изјавите по средбата со неговиот грчки колега Никос Дендиас во Анкара се претворија во „ринг“ за размена на остри критики и меѓусебни обвинувања, јави дописничката на МИА од Атина.
-Се надевам дека нашите несогласувања не те натераа да ја откажеш поканата за вечера, бидејќи многу сум гладен, му рече Дендиас на Чавушоглу.
Прес конференцијата на двајцата шефови на дипломатиите доби невообичаен тек, откако по завршувањето на изјавата на Дендиас, наместо да заминат на предвидената работна вечера, Чавушоглу зеде збор, велејќи дека тој во неговиот говор немал ништо провокативно или негативно за Грција и затоа морал да одговори, паралелно обвинувајќи го неговиот грчки колега за „провокативни изјави“.
По што следеше одговор од Дендиас, па нов одговор од Чавушоглу и уште еден од Дендиас и трет од Чавушогли, а сето за време на прес конференцијата што се пренесуваше во живо.
-Ние не можеме да прифатиме изјави, како што рековте Вие дека Република Турција ги прекршила правата на Грција во Егејското море. Ова не можеме да го прифатиме, ова е прашање кое го дискутираме меѓу нас, но ако дојдете и го покренете, овде пред медиумите, тогаш сум должен да одговорам, истакна Чавушоглу.
-Позицијата на Грција е јасна. Во Егејското море и во Источниот Медитеран Турција го прекрши меѓународното право и морското право, а не само ова, туку ги има прекршено и самите суверени права на Грција, има направено и 400 прелети над грчка територија. Мевлут, над грчка територија, одговори Дендиас.
Размената на аргументи, различни позиции и ставови, но и обвинувања, продолжи и за други теми, како што се мигрантското прашање, малцинството во Грција, меѓународното право, Европската Унија, демилитаризација на грчките острови.
За малцинството во Грција Чавушоглу истакна дека самите луѓе изјавуваат дека се турски граѓани, дека имаат турски идентитет, а со тоа Грција ги прекршува човековите права, на што Дендиас одговори дека според Лозанскиот договор станува збор за муслиманско малцинство, а не дека тоа го тврди Грција.
-За мигрантското – бегалското прашање, ние не сакаме пред медиумите да кажеме дека вие користевте практики од видот на „push back“ на 80.000 човечки души на бегалци и мигранти. Ние овде се обидуваме да испратиме позитивна порака, истакна Чавушоглу.
-За мигрантското прашање, по случувањата во февруари и март минатата година, не би требало Турција да ѝ држи лекција на Грција, одговори Дендиас.
Шефот на турската дипломатија истакна дека „ако говориме за Лозанскиот договор треба да зборуваме и за демилитаризација на одредени грчки острови“ и на Дендиас му забележа дека ги споменува само оние работи што ѝ се во прилог на Грција.
Министерот за надворешни работи на Грција, одговори дека на островите има војска бидејќи „од некаде постои закана“.
Паралелно истакна дека потребно е да се работи на позитивна агенда, а Турција да ги разбере чувствителностите на Грција.
Шефот на турската дипломатија од своја страна одговори дека е потребно меѓусебно разбирање, а тоа значи „да можам да влезам во чевлите на другиот“.
И покрај тензичната клима што ненадејно се создаде, двајцата министри кои се познаваат над 15 години, со насмевки на лицата заминаа на вечерата за Ифтар.