Се спроведува полициска акција на неколку локации низ Македонија за апсење на сторители на кривични дела.

-Министерството за внатрешни работи спроведува акција за лишување од слобода на сторители на кривични дела на неколку локации низ државата, велат за КУРИР од Министерството.

Според првичните и неофицијални информации претреси се вршат во скопско Арачиново и во Чаир, а акцијата е проширена и во други градови низ Македонија.

Неофицијално, веќе има и уапсени, но нивниот број и идентитет засега не се откриваат.

Според неофицијалните извори, акцијата е насочена кон разбивање на криминални групи кои се поврзани со насилни инциденти во регионот.

Повеќе информации за акцијата, ќе бидат соопштени во текот на утрешниот ден.

И утрово беше спроведена полициска акција во Струга и во Гостивар.

Уапсени беа четири лица за кои има основано сомнение дека планирале во иднина да организираат одредени несакани настани кои би можеле да ја загрозат безбедноста како на Македонија, така и на други држави.

– Станува збор за терористички организации, четири лица кои се лишени од слобода. Тие, во соработка со лица кои не се на територијата на Македонија, подолг временски период се следат од страна на надлежните безбедносни органи и во соработка со меѓународните пријатели е координирано постапено. Имаме доста докази во насока на поткрепено основано сомнение дека овие лица постапувале во насока да организираат во иднина одредени несакани настани кои би можеле да ја загрозат безбедноста како на Македонија, така и на други држави. Нивната цел била да индоктринираат останати луѓе од Балканот кои би можеле да делуваат соодветно во насока на реализација на нивните цели, рече денеска министерот Панче Тошковски.

Тој појасни дека се постапувало по наредба од страна на Обвинителството за гонење организиран криминал и висока корупција во делот на приведување четири лица.