Кипар побара воздушни средства од Израел и Европската унија за да помогнат во гаснењето на големите пожари што се вон контрола во областа Лимасол, поконкретно во селата Акрапас, Ептагониа и Оду, а веќе се евакуирани неколку села, јави дописничката на МИА од Атина.
Портпаролот на Противпожарната служба на Кипар Андреас Кетис, преку Твитер, соопшти дека пожарите се блиску до населени места, нанесена е штета на куќи, а со оглед на тоа дека претставуваат опасност за домовите, веќе се евакуирани жителите на три села, но и дека пожарникарите кои не се на служба, повикани се на помош.
Министерот за надворешни работи на Кипар Никос Христодулидис, за кипарската новинска агенција КИПЕ, рече дека е побарано од ЕУ и Израел да испратат четири авиони кои ќе помогнат во гаснењето, а министерот за земјоделство на Костас Кадис објасни дека ситуацијата со пожарите е тешка и затоа е побарана помош и очекуваат набргу да пристигнат авионите.
Заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас, преку Твитер, соопшти дека за Кипар заминуваат два грчки канадери за да помогнат во гаснењето на пожарот.
Истовремено, во Грција, превентивно е евакуирано селото Капандрити на грчкиот остров Кефалоња, поради шумскиот пожар што избувна денеска, а противпожарните служби интервенираат со седум авиони, два хеликоптери, 38 пожарникари со осум возила и три пешадиски тима, јави дописничката на МИА од Атина.
Според локалните медиуми, огнените јазици стигнале и до дворовите на дел од куќите, а градоначалникот на конкретниот дел од островот Теофилос Михалатос за грчката новинска агенција АНА-МПА вели дека пожарот е опасен поради силниот ветер и високите температури, а евакуацијата на селото била превентивна по препорака од началникот на противпожарната служба.
Од противпожарната служба на Грција соопштија дека на островот со брод пристигнуваат 14 пожарникари со седум возила од соседните градови Патра и Килини, за да помогнат во гаснењето на пожарот, што сè уште не е ставен под контрола.