Екстремно ниските температури што ја зафатија земјава пред две седмици, направија големи штети на пчеларите во одредени региони во Кичевско. Ниските температури кои се спуштија и до -18 степени, крајно неповолно се одразија врз состојбата во пчеларниците.
Претседателот на земјоделско здружение „Виножито“, Коста Галиманоски, вели дека последните десетина дена поголем број пчелари од југоситочниот регион на кичевијата се пожалија на големо угинување на пчели предизвикано од поларните студови. Најголеми штети претрпеа пчеларите во Староец, Карбуница, Лисичани, Ижишта, Речани, Орланци и Ореовец.
-Штетите се најголеми кај пчеларниците што имаа постари матици, кои не можеа да го прошират пчелното семејство на повеќе рамки. И покрај целосниот помор на пчели кај поединци, има сопственици кои претрпеа делумни штети, но за сите нив ова е непланиран губиток и уште една сиромашна година со мали или никакви приноси на мед. Пчеларите има за што да бидат разочарани, бидејќи по релативно топлата зима, пчелните семејства беа во добра кондиција и се очекуваше една од побогатите години и со поголеми приноси на мед, рече Галиманоски.