Шефот на дипломатијата на Босна и Херцеговина Елмедин Конаковиќ, во синоќешното интервју изјави дека Агенцијата за разузнавање и безбедност (ОСА) незаконски прислушувала стотици луѓе, вклучително и политичари и новинари.
Елмедин Конаковиќ, кој е и лидер на владејачката партија Народ и Правда, гостуваше во телевизиската програма на Н1 и рече дека злоупотребите во ОСА биле откриени откако новата влада ги презела ингеренциите на директорот Осман Мехмедагиќ Осмица, кој се смета за близок до Партијата за демократска акција.
– Најважно беше разрешувањето на првиот човек на Агенцијата за разузнавање и безбедност. Тој беше заштитник на сите процеси, истакна Конаковиќ.
Тој тврди дека има „стотици случаи на прислушување на лица, од политичари до новинари, противници на режимот без судски налог“. – Знам дека користеа двојни картички, дека можеа да ги лажираат вашите, моите и да ги преземат нашите повици и СМС пораки, изјави Конаковиќ во интервјуто.
Сите тие случаи на злоупотреба се доставени до Обвинителството на БиХ, додаде тој.
Поранешниот директор на ОСА, Осман Мехмадагиќ Осмица, беше ставен на црната листа на санкционирани функционери од американските власти веднаш по неговото разрешување на почетокот на оваа година. Тие го обвинија дека ја злоупотребил работата на оваа агенција во корист на СДА.
Конаковиќ е убеден дека Осмица работел во интерес на врвот на СДА, за што, како што вели, бил сведок кога бил член на таа партија.