Најголемата обврска на денешните генерации е да ја продолжат борбата за подобра иднина и да изградат град што гордо ќе им биде предаден на идните поколенија, порача градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски на свечената академија по повод 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје.

– Денес нашата одговорност се мери со тоа каков град ќе им оставиме на нашите деца. Дали ќе имаат зелени паркови, дали безбедно ќе одат на училиште, дали ќе растат во град што ги слуша, ги поддржува и им отвора повеќе можности. Како градоначалник мојата заложба е да изградиме Скопје што гордо ќе им го предадеме на идните генерации. Уредно, зелено, безбедно и современо Скопје. Град што ќе поврзува, што ќе инспирира. Град во кој секое населено место добива внимание, а секој наш човек добива заслужена почит. Град чие богатство се гледа и во грижата за најранливите – истакна Ѓорѓиевски.

Тој нагласи дека 13 Ноември е еден од најзначајните датуми во историјата на главниот град.

– Пред 82 години на улиците на Скопје се решавало дали идните генерации ќе живеат со наведнати глави или ќе чекорат слободно. Нашите ослободители го дале својот одговор. Со храброст, со непоколеблива решителност, а некои од нив и со сопствените животи. Затоа денес стоиме исправени. Затоа денес живееме слободни, затоа нивното дело има вечно место во срцето на нашето Скопје. На 13 ноември го славиме најсветлиот ден во историјата на нашиот град. Денот кога по години окупација, страдање и неизвесност, градот Скопје конечно ја дочека својата слобода – порача Ѓорѓиевски.

Градоначалникот посочи дека во изминатиот период биле деблокирани проекти кои со децении стоеле нереализирани и дека биле преземени обврски за решавање на најтешките прашања со кои се соочуваат граѓаните.

Воедно, им оддаде особена чест на добитниците на наградата „13 Ноември“ која Град Скопје традиционално ја доделува во повеќе категории, како култура, наука, уметност, архитектура итн. по повод денот на неговото ослободување во Втората светска војна.

– Со вашето знаење, творештво, труд и пред сè човечност, вие му давате посебна вредност на нашиот град Скопје. Вашите успеси стануваат дел од нашиот углед и угледот на главниот град. Вашата посветеност ги охрабрува нашите млади да веруваат во себе. Вашиот пример покажува колку многу може да направи човек кога со својата дарба ќе ја посвети на општото добро – рече Ѓорѓиевски.

Годинашни добитници на наградара 13 Ноември од областа на публицистиката се Леунора Калиќи за долгогодишна професионална работа во новинарството и публицистиката и Огнен Марина за делото „The Skopje Project“, посветено на истражувањето на обновата на Скопје.

Во областа на образованието и воспитанието наградата му е доделена на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, по повод 60 години од неговото основање.

Добитници на признанието се и Мирко Стефаноски за придонес во развојот на културниот живот во Скопје, Марија Кичевска Шокаровска за долгогодишен придонес во балетската уметност, како и група автори на учебниците „Превентивна стоматологија“ и „Детска стоматологија“ во областа на здравствената заштита.

Награда за заштита и унапредување на животната средина доби компанијата „Мен енд маунтен“ ДОО Скопје, додека признанието за хуманитарна активност му припадна на Илија Кировски.

Во областа на спортот наградена е пливачката Меланија Ќулавковска, а во категоријата ученици и студенти наградата ја доби Михаела Блажевска за своите образовни достигнувања и за креирањето на платформата „Learn.mk“.

На денешен ден во 1944 година Скопје беше ослободено од фашистичката окупација, по неколкудневни борби во кои учествувале 42. и 50. народноослободителна дивизија и 16. македонска бригада.

Во борбите за ослободување на градот загинале повеќе од 420 борци, додека за време на Втората светска војна животот го загубиле околу 4.600 скопјани.