Силен шумски пожар беснее во близина на Неготино кај т.н. Гоцева шума, а бидејќи пожарникарите не може да го стават под контрола од копно, во гаснењето е приклучен и авион на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

„Авион на ДЗС полета кон боровата т.н. Гоцева шума во непосредна близина на Неготино, каде во моментов има силен пожар врз кој територијалните противпожарни единици од Неготино и Кавадарци тешко воспоставуваат контрола поради засилениот ветер“соопштија од ЦУК.

Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов нагласи дека доколку состојбата со пожарот се влошува, подготвени за полетување се два хеликоптери на МВР.

Претходно на терен излезе и градоначалникот на Неготино, Горан Стојанов.

Инаку, шумата што гори кај Неготино била подигната есента во 1972 година, во чест на 100 – годишнината од раѓањето на Гоце Делчев и оттаму и името Гоце шума

Пошумувањето на спомен шумата било државен проект, на Инвестицискиот фонд за пошумување на голините. Пошумени биле околу 350 хектари површина со зимзелени и листопадни дрвја, како црн бор, маслинка, чемпрес, кедар.

Шпжар беснее и во Демиркаписко, а поради олеснување на воспоставувањето на контрола врз шумскиот пожар во месноста наречена Мал Раковец во општината Демир Капија, ќе дејствува еден полициски хеликоптер со ведро од три тона, информираат од ЦУК.