Гостиварската локална самоуправа отвори посебна донаторска сметка за помош на семејствата на загинатите и на повредените во автобуската несреќа во близина на селото Ласкарци. Одлуката на Советот на Општина Гостивар, за отварање на сметката беше едногласно усвоена на 12-тата седница и таа е веќе активна.
Средства може да се донираат на жиро-сметка број: 716014021578990Приходна шифра: 72591600 Цел на дознака: Поддршка на настраданите во трагедијата во Ласкарци
– Гостиварци и граѓаните на Македонија генерално, отсекогаш знаеле да се покажат како хумани и солидарни. Да го докажеме и овојпат нашиот хуманизам и да ги споделиме болката и загубата заедно со настраданите во најголемата трагедија што го погоди Гостивар, наведуваат од локалната самоуправа.
Жиро-сметката ќе биде отворена на неопределено време, а во зависност од собраните средства, Советот ќе одлучи за начинот и износот што ќе биде доделен поединечно.
Од локалната самоуправа потсетуваат дека семејствата на загинатите и другите патници во сообраќајната несреќа кај селото Ласкарци, можат да поднесат барање за финансиска помош во Општинскиот центар за услуги, што се наоѓа на приземјето на општинската зграда.
Согласно одлуката на Советот на општина Гостивар на семејствата на настраданите им се доделува парична помош од 30.000 денари, а на останатите патници по 15.000 денари.
– Дел од семејствата и граѓаните на кои им следува оваа еднократна паричната помош, веќе се пријавиле, додека останатите за да го остварат правото мора да поднесат барање, неведуваат од општина Гостивар.