Полицијата во домот на 16-годишен малолетник во гостиварско Сенце пронајде оружје за кое постои сомнение дека потекнува од кражби. Малолетникот и таткото се приведени.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека вчера во периодот од 15,50 до 17,40 часот во село Сенце, Гостиварско, по претходна наредба од Основен Суд-Гостивар, во присуство на работник од Центарот за социјални работи-Гостивар извршен бил претрес во куќа во која живеел 16- годишен малолетник.
При претресот пронајдени се и одземени пушка „Црвена застава“(карабин) со монтиран дурбин, метален нож, две ловечки расклопени пушки и една расклопена малокалибарска пушка, батериска ламба, двоглед и моторна пила.
Како што наведуваат од МВР, пронајдените предмети се фотодокументирани и одземени за вештачење, а постојат основи на сомнение дека потекнуваат од извршени кражби.
Малолетникот и неговиот татко И.М.(66) се лишени од слобода и задржани во Полициската станица Гостивар за понатамошна постапка. По целосното расчистување и документирање на случајот, ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.