Објектите за згрижување на деца од претшколска возраст во гостиварската општина се подготвени за почеток со работа. Од јавната установа „Детска радост“ информираат дека има интерес и дека ќе работат со намален капацитет.
По усвојувањето на протоколите и одлуката на ресорните министерства за отворање на градинките, подготовките во гостиварските градинки и центрите за ран детски развој се интензивираа. Спроведени се потребните дезинфекции, а веќе се прават последните набавки на заштитни средства.
– Нашата институција во целост е подготвена за почеток со работа. Го анализиравме протоколот од Министерството за труд и социјала и со него се запознат целиот персонал. Во меѓувреме разговараме и со родителите. Од утврдениот датум за почеток, имаме зголемен интерес на пријавувања и родителите најавуваат од кога би ги донеле децата, вели Мирјана Мицоска, директорка на ЈУ „Детска радост“.
Таа појасни дека според капацитетот, имаат препорака да згрижат максимум 321 дете, а до денеска пријави со потврди се доставени за 180.
Мицкоска нагласи дека по првиот ден од почетокот со работа, интересот на родителите ќе порасне и дека набрзо по 9 септември ќе се пополни предвидениот капацитет. Со отворањето на училиштата се очекува да функционираат и центрите за ран детски развој.
Пред почетокот на пандемијата и затварањето, во гостиварските градинки беа запишани над 700 деца, а секојдневно беа згрижувани околу 550.
За престојот и негата на децата во гостиварските градинки се задолжени сто вработени кои се распределени во осум објекти, од кои четири се градинки, а другите центри за згрижување. Наскоро треба да се отвори уште еден објект кој ќе функционира како градинка за кој се очекува да привршат формалностите.