Македонскиот оркестар „Фејмс“ (FAME’S), настапи на гламурозната свеченост по повод официјалната најава за изградбата на првиот „Дизни“ тематски парк на Блискиот Исток. Тој забавен парк ќе се наоѓа на островот Јас, кај Абу Даби – главен град на Обединетите Арапски Емирати.
Настанот, организиран од компаниите „Волт Дизни“ (The Walt Disney Company) и „Мирал“ (Miral), привлече големо внимание и бројни ѕвезди од светскиот шоу-бизнис. Паркот ќе биде изграден и управуван од „Мирал“, со креативен надзор и оперативна поддршка од „Дизни“. Меѓу присутните беа Тајрис Гибсон, Наоми Кембел, Ед Вествик и други познати личности. Публиката беше сведок на импресивно шоу што вклучуваше координирана претстава со 7.000 дронови, огномет и настап во живо на оркестарот „Фејмс“. Музичката програма беше подготвена и диригирана од Стив Сидвел, а на сцената настапија и Ланг Ланг, заедно со пејачите Кери Елис, Соња Балсара и емирскиот уметник Рашед Алнуими.
Реномираниот оркестар „Фејмс“ е основан во Скопје во 2007 година. „Проектот Фејмс“ е продукциска компанија специјализирана за снимање музика за филмска и телевизиска продукција, видеоигри, класична и поп-музика. Со над 4.000 реализирани проекти, „Фејмс“ се наметна како водечки избор за оркестарски снимања во Европа, САД, Јужна Америка, Индија и други делови на Азија.
„Македонските музичари беа рамноправен дел од оваа високобуџетна продукција, поставена на највисоко светско ниво“, се вели во известувањето.
– Настапот на настанот за „Дизниленд Абу Даби“ беше миг што нема да го заборавиме. Честа да бидеме дел од ваков глобален спектакл значи многу – не само за нас како оркестар, туку и за Македонија. Нашите музичари уште еднаш покажаа врвна професионалност и страст, изјави Од Насју Мапа, основачка на „Фејмс“.
Церемонијата ја означи официјалната најава за седмата „Дизни“ тематска дестинација во светот, а прва во подрачјето на Блискиот Исток.
„Во 2017 година, како резултат на зголемената побарувачка и развој, FAME’S го отвори својот оркестрален студио-комплекс од 2.000 квадратни метри во Скопје, Македонија. Студиото е опремено со врвна техника и акустика, дизајнирани во соработка со француски акустични инженери и македонски архитекти, и претставува една од ретките вакви капацитети во Европа… Настанот уште еднаш потврди дека македонските уметници се препознаени и ценети на светската културна и продукциска сцена“, соопшти продукцијата.
Проектот активно ги поддржува и младите музичари и се залага за развој на музичката сцена насочена кон што поразновидна публика.
„Дизниленд Абу Даби“, како и другите слични тематски паркови, ќе понуди дружба со познатите ликови на „Дизни“, паради, интерактивни искуства, хотели и иновативни технологии во служба на забавата.