Хрватска мора сама да го креира својот имиџ, бидејќи во спротивно тоа ќе го направат други, што не смее да се дозволи, порача денеска хрватската претседателка Колинда Грабар – Китаровиќ.
Таа истакна дека имиџот на државата е многу важно средство во конкурентската борба на меѓународната сцена.
Грабар – Китаровиќ, обраќајќи се на конференција во организација на „Вечерњи лист“, на тема „Хрватска каква што ни е потребна – нов имиџ на Хрватска“, рече дека брендот мора да заживее на домашната сцена, да се унапредат институциите и квалитетот на животот, а во надворешната политика е потребно „да се менува имиџот на Хрватска“.
– Читате дека Хрватска се уште се споменува како балканска држава. Не смееме да дозволиме другите, соседните држави да ни го создаваат имиџот, што веќе почна да се случува во однос на Втората светска војна и Татковинската војна, рече Грабар – Китаровиќ.
Таа посочи дека моделот на националниот бренд во надлежност на Владата може да биде оперативен и ефикасен и додаде дека ова е само почеток на системско ангажирање на таа тема.