Арсовска во отворена војна со Цементарница Титан УСЈЕ. Иницира кривична постапка против фабриката поради зголемена концентрација на штетни честички. Тврди дека Град Скопје во два наврати направил сопствени мерења со помош на акредитирана лабораторија – на 26 и 27 декември и 3 и 4 јануари. И во двата наврати мерењата покажале три пати поголеми испусти на ПМ 10 честици во воздухот од дозволеното, објавува ТВ Сител.
-При последното мерење констатирање пречекување на испустот на штетни честици со што се нарушува квалитетот на амбиенталниот воздух. Дополнително, за загадувањето од Котларата за загревање на Цементарницата утврдено е дека има надминување на граничните вредности на азотни оксиди, при што резултатите од мерењата покажуваат повеќе од двојно поголеми вредности од дозволените 350 милиграми односно покажуваат 711 милиграми на метар кубен.
Инаку, Државниот инспекторат за животна средина вчера објави извештај од вонредни мерења во Цементарница. Поради прекршувањата од Котларата за загревање компанијата ќе треба да плати казна од 180 до 200 илјади евра. Од Инспекторатот велат дека записникот за спогодување е доставен до компанијата, а казна од 10.000 евра заработил и директорот на Цементарница.
За Котларата за загревање, Цементарница појаснува дека поради енергетската криза и нарушеното снабдување со природен гас се употребува мазут, што е дозволен енергенс согласно А-интегрираната дозвола. Меѓутоа, компанијата уверува дека веднаш ќе почне да користи гас наместо мазут.
Арсовска не сакаше да открие кој освен Цементарница го загадува воздухот, но рече дека листата на сите загадувачи ќе биде објавена јавно.
Инаку, градоначалничката потврди дека никој не се пријавил на огласот за приватни превозници. Но не откри како ЈСП ќе ги задоволи потребите на граѓаните, со оглед на тоа што недостасуваат автобуси во промет. И денеска продолжи праксата на избегнување на одговори надвор од темата која ја смислил кабинетот на Арсовска, па многу прашања останаа неодговорени.