Град Скопје воведува ново ограничување: од 22 часот навечер до 6 часот наутро целосно се забранува одлагање ѓубре во контејнерите.

Одлуката, усвоена од Советот на предлог на градоначалникот, цели кон подобрување на собирањето на отпадот и спречување на нелегални депонии околу садовите. Прекршителите ќе бидат казнети.

Од Градот велат дека мерката им дава правна основа на инспекторите и комуналните редари да санкционираат физички и правни лица што нема да го почитуваат дозволениот термин за фрлање отпад.

Претседателот на Советот, Даме Димитровски, ја поздрави иницијативата, истакнувајќи успешни примери од други градови. „Во Истанбул имаше само 15 минути дозволено време за фрлање ѓубре рано наутро. Во Токио секој вид отпад има точно утврден термин за собирање. Верувам дека кога ќе воведеме и корпи за селекција, системот ќе биде уште поефикасен“, изјави Димитровски.

Сепак, советничката од Левица, Катерина Јовановска, ја оцени мерката како неприфатлива. „Не може вината за нефункционалноста на комуналното претпријатие да се префрла врз граѓаните. Ограничувањето кога смеат да фрлаат ѓубре, па уште и со казни, е невиден скандал“, рече Јовановска.

Покрај забраната, советниците со 37 гласа „за“, еден „против“ и еден „воздржан“ го изгласаа и ребалансот на буџетот.