Ден Буетнер проучувал пет места ширум светот кадешто жителите се познати по долговечноста: Окинава во Јапонија, Никоја во Костарика, Икарија во Грција и Лома Линда во Калифорнија и Сардинија во Италија.

Луѓето што живеат во овие т.н. „сини зони“ имаат одредени заеднички фактори – мрежи за социјална поддршка, секојдневни навики за вежбање и исхрана базирана на растителни производи, за почеток. Но, тие споделуваат уште една неочекувана сличност. Во секоја заедница, луѓето се занимаваат со градинарството до старост – до нивните 80-ти, 90-ти и повеќе.

Добро е познато дека животниот стил, кој подразбира престој на отворено со умерена физичка активност, е поврзан со подолг живот, а градинарството е лесен начин да се остварат и двете. „Ако имате градина, добивате можност за некоја физичка активност со низок интензитет во повеќето денови, и настојувате да работите рутински“, вели Буетнер.

Тој вели дека постојат докази дека градинарите живеат подолго и со помалку стрес. Различни истражувања го потврдуваат ова, посочувајќи ги и физичките и менталните здравствени придобивки од градинарството.

Во неодамнешната холандска студија, истражувачите побарале од учесниците да завршат стресна задача, а потоа ги поделиле во две групи. Една група читала во затворен простор, а другата добила градинарски задолженија на отворено 30 минути. Кај оние од групата која читала расположението понатаму се влошувало, додека градинарите не само што имале пониско ниво на хормонот за стрес – кортизол потоа, тие исто така се чувствувале „целосно пренасочени“ кон добро расположение.

Австралиските истражувачи кои следеле мажи и жени во своите 60-ти години, откриле дека оние кои редовно градинареле имале 36% помал ризик од деменција отколку нивните колеги кои не се занимавале со градинарство.

И прелиминарните студии кај постарите лица кои страдаат од когнитивни проблеми (како што се деменција и Алцхајмерова болест) одат во прилог на градинарството и хортикултуролошката терапија. Сончевата светлина и свежиот воздух, на пример, им помагаат на вознемирените повозрасни лица да се чувствуваат помирно, додека боите и текстурите на разни растенија и зеленчук можат да ја подобрат визуелната и тактилната способност.

Не постои лек за старост, но, науката сугерира дека градинарството се чини дека го подобрува нашиот квалитет на живот, како што старееме.

Ако градинарството е добро, дали земјоделството е уште подобро?  Многу фактори на животниот стил поврзани со долговечноста – како што се живот во внатрешноста и можност за многу активност – важат и за земјоделците.

Некои докази покажуваат дека земјоделството е една од најздравите професии. Една австралиска студија покажала дека земјоделците имаат за третина помалку шанси да страдаат од хронична болест, а 40% помалку шанси да посетат општ лекар отколку работниците кои не се земјоделци.

Истражувачите од САД ги споредиле стапките на смртност кај земјоделците во однос на стапките за општата популација и сметаат дека земјоделците имаат помала веројатност да умрат од рак, срцеви заболувања или дијабетес.

Една студија на Универзитетот Харвард покажа дека луѓето кои биле опкружени со бујна вегетација живееле подолго, со помали шанси да развијат рак или респираторни болести.

Лекарите во Шкотска пропишуваат прошетка во природа за лекување на разни болести, вклучувајќи намалување на крвниот притисок и анксиозност и подобрување на целокупната среќа. Градинарството – дури и на мал дел во урбана средина – е едноставен начин да се вклучи повеќе природа во секојдневниот живот.