Продолжува борбата на левичарските градоначалници и тие од зелените против развојот на 5Г во Франција. Денеска 68 градоначалници и пратеници објавија колумна во „Журнал ди диманш“ во која повикуваат на „демократска дебата“ за инсталирање на оваа нова технологија, како и „непосреден мораториум“, што ќе трае „барем“. до летото 2021 година, со што се релансира веќе напнатата дебата за ова прашање, јави дописникот на МИА.
Меѓу потписниците, има единаесет градоначалници на големите градови, вклучувајќи ги и оние, зелените, од Стразбур, Лион, Тур, Бордо, Поатие, Марсеј, Гренобл и Безансон, како и социјалисти, од Блуа, Бур-ан-Брес и Вилурбан . Покрај тоа, има и други француски и европски пратеници.
Тие бараат дебата за „5Г и дигиталната употреба“. Покрај тоа, тие бараат „право на супсидијарност“ за општините за примена на принципот на претпазливост. Тие сметаат дека финализирањето на распоредувањето на 4Г мора да биде приоритет во однос на развојот на 5Г, прогласено за „стратешко прашање за Франција […] без студија за влијанието врз климата и животната средина или какви било претходни јавни консултации“ и со оглед на тоа „вистинската полза на 5Г не е никаде очигледна како што тврдат мобилните оператори или владата “.
Авторите го потенцираат „влијанието врз животната средина“ на 5Г и укажуваат на зголемување на потрошувачката и употребата на податоците што ќе произлезат од распоредувањето на технологијата, „синоним за многу голема потрошувачка на енергија“. Индиректно, 5Г, според нив, ќе го зголеми загадувањето и потрошувачката на природни ресурси за производство на компатибилни уреди. Затоа, тие бараат „студија за влијанието врз животната средина“ пред нејзиното пристигнување на територијата.
Во исто време, потписниците се загрижени за ефектите од 5Г „емисиите на бранови“ врз здравјето на популациите и бараат да се чека објавувањето на студијата од Националната агенција за безбедност на храна, животната средина и работата, на оваа тема, пред да продолжи распоредувањето на технологијата.
Исто така, тие покренуваат и други аргументи, како што е прашањето за заштита на личните податоци на корисниците, како и ризикот од влошување на „постојните дигитални разлики“. Затоа градоначалниците бараат право да изберат „начин на пристап до Интернет и контрола над развојот на дигиталните мрежи“ на својата територија.
Противењето на екологистите за 5Г е познато подолго време. Одредени градоначалници веќе предупредија, во својата програма, дека имаат намера да зборуваат против неговото распоредување и партијата ЕЕЛВ во јули гласаше за предлог за „мораториум на 5Г“. Неодамна, Конвенцијата за климата на граѓаните, исто така, изрази мешано мислење за технологијата, предлагајќи „да се проценат предностите и недостатоците на 5Г во споредба со оптичките влакна пред, а не по доделувањето лиценци за нејзин развој“. Затоа, таа исто така побара „мораториум за спроведување на 5Г во очекување на резултатите од проценката за 5Г за здравјето и климата“. Во август, собранието на Корзика изгласа мораториум за распоредување на новата генерација мобилна телефонија на островот.
Владата и професионалците од индустријата продолжуваат да се борат на оваа тема, потсетувајќи на корисноста на 5Г, од економска гледна точка, како и на неговите корисни ефекти врз потрошувачката на енергија. „5Г троши десет пати помалку енергија од 4Г“, неодамна потсети извршниот директор на „Оранж“, Стефан Ричард.