Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, учествуваше на панел-дискусијата „Гласот на граѓаните: Отповикување на градоначалникот како алатка за локална демократија”, во организација на Либералниот институт Скопје, на која говореа и Ристо Пенов, Никола Пановски и Висар Ганиу.
Ѓорѓиевски истакна дека имајќи го во предвид фактот дека се уште зборуваме за населени места каде треба да се градат фекални и атмосферски канализации, како и целокупниот хаос во градот Скопје, па можеме да заклучиме дека во изминативе 30-тина години имало и се уште има градоначалници кои својот мандат го поминуваат во хибернација и токму затоа ова мора да биде променето со законски измени за предвремено отповикување на одреден градоначалник.
-Многу пати нашите граѓани биле изманипулирани, ветувајќи им одредена реализација на програма од страна на некој функционер, и кај градоначалниците по нивниот избор согласно актуелната законска регулатива не може да понесат одговорност за работата за која се избрани. Се произлегува од волјата на граѓаните и се може да заврши со волјата на граѓаните. Затоа секој градоначалник откако ќе биде избран, уште од првиот ден треба да биде свесен дека многу порано од истекот на мандатот може да биде отповикан. Затоа ние како ЗЕЛС заедно со невладините организации, експертите и сите останати чинители треба да поддржиме законски измени кои би придонеле за поажурна локална самоуправа, изјави Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека активно се работи и на законските измени со кои би овозможиле одземање на ингеренции во дадена сфера на одредена локална самоуправа, со цел да не постои простор за злоупотреби или неажурност на било кој градоначалник.