Бобан СТЕФКОВСКИ

Во временски период од 19.05.2021 до 30.08.2021 година во општина Гази Баба се потрошени 11.000.000 денари од кои 7.000.000 денари за оддржување и 4.000.000 денари за изградба на нови линии за улично осветлување. Краткиот период за реализација на договорите беше доволен показател дека е потребно да се спроведе ревизија за што на 05 јануари со решение формирав комисија која изврши теренска проверка на изведените работи по договорот за изградба на нови линии за улично осветлување, а потоа и споредба со прикажаното во фактурите од страна на економскиот оператор по што достави извештај со следниот заклучок:

Комисијата утврди дека постојат разлики помеѓу изведените работи и прикажаните работи во фактурите од страна на економскиот оператор, односно истите не се совпаѓаат.

Почитувани,

Дозволете конкретно да Ве информирам за какви разлики станува збор:
-До општината е доставена фактура за изградба на нова линија за улично осветлување во Булачани, кон новата населба. Во фактурата е прикажано дека е поставен кабел во дожина од 550 метри, 10 нови дрвени бандери и 10 натриумови светилки.

-Фактичката состојба во Булачани е поставени се 400 метри кабел, стари и употребувани бандери и поставени лед светилки

-До општината е доставена фактура за изградба на нова линија за улично осветлување на улица Перо Наков кон Кванташки Пазар. Во фактурата е прикажано дека е поставен кабел во должина од 490 метри, 4 нови дрвени бандери и 10 натриумови светилки.

-Фактичката состојба на Перо Наков кон Кванташки пазар покажува дека лед а не натриумови светилки се поставени на веќе постоечки бандери на приватни оператори и поставен е кабел во должина од 380 метри

-До општината е доставена фактура за изградба на нова линика за улично осветлување во Керамидница на пешачкиот мост кај Ромското маало. Во фактурата е прикажано дека е поставен кабел во должина од 190 метри, изработка на 6 фундаменти, монтажа на 6 двостепени столбови со картички со осигурач и 6 натриумови светилки.

-Фактичката состојба на пешачкиот мост покажува дека е поставен кабел во должина од 130 метри, поставени се цевки Ф 60 мм со штрафови без фундаменти и на цевките се поставени лед светилки

-До општината е доставена фактура за изградба на нова линија на улично осветлување на улица 3 во Јурумлери. Во фактурата е прикажано дека се поставени 3 нови бандери со 3 натриумови светилки.

-Фактичката состојба на улица 3 во Јурумлери покажува дека се поставени 2 употребувани бандери со поставени броеви од претходно со 3 лед светилки.

Почитувани,

Ако се земе предвид дека една нова бандера чини 13.800 денари, еден метар кабел чини 890 денари, а една натриумова светилка чини 9450 денари, а согласно извештајот на комисијата јасно е дека е направена штета врз буџетот на општина Гази Баба.

Во текот на следните денови, целосната документација ќе ја доставиме до надлежните институции на нивно понатамошно постапување.

Парите во буџетот се пари на граѓаните и затоа граѓаните имаат право да ја знаат вистината.