Бранителите од 2001 од Ѓорче Петров конечно добиваат низа поволности за своите семејства, објави на социјалната мрежа на Фејсбук градоначалникот на општина Ѓорче Петров Александар Стојкоски.
Бранителите од 2001 година се нашата гордост. Нивната храброст е лекција за сите како се сака државата и како се брани интегритетот.
Советот на Општина Ѓорче Петров во изминатите две години носи одлуки во нивна чест, но и одлуки кои имаат за цел финансиско олеснување на секојдневието на нивните семејства.
На предлог на претседателот на Советот на Општина Ѓорче Петров Ленче Нелоска, којашто на една од изминатите седници ја поднесе иницијативата, советниците на денешната седница позитивно се изјаснија по точките посветени на овие македонски херои кои ги изгубија своите животи во конфликтот во 2001 година.
Со денешната одлука, припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и членовите на нивните семејства, жители на Општина Ѓорче Петров, кои се родители на деца се ослободуваат од плаќање на месечните износи на цените на услугите што ги дава детската градинка „Росица“ и износите за надоместоци на трошоци за престој во детската градинка.
Оваа одлука се однесува на директните потомци на бранителите, односно за нивните внуци, бидејќи нивните деца се веќе возрасни.
Припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и членовите на нивните семејства кои се родители на деца, имаат првенство на запишување на децата во детската градинка „Росица“.
Припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и членовите на нивните семејства, жители на Општина Ѓорче Петров, кои се родители на деца кои учат во основно училиште на подрачјето на Општина Ѓорче Петров, се ослободуваат од плаќање на трошоците за:
-оброкот (ужинка) и оброците (појадок и ручек);
-воннаставните активности утврдени со Годишната програма за работа на училиштето, кои се незадолжителни активности, а се однесуваат: на посета на театарски и кино претстави, концерти, фестивали, и други настани што се поврзани со воспитно-образовниот процес на учениците; на претплата за ученички списанија; за организирани екскурзии, летувања/зимувања.
-Овие трошоци ќе бидат на товар на Општина Ѓорче Петров.
-Со оваа одлука припадниците на безбедносните сили и членовите на нивните семејства, жители на Општина Ѓорче Петров, се целосно ослободени и од обврската за плаќање на надоместокот за делумно уредување на градежното земјиште на територија на Општина Ѓорче Петров, за делот кој се уплаќа на сметка на Општина Ѓорче Петров за:
– станбени објекти за индивидуално домување (класа на намена „А1“) со вкупна површина до 100 m2 корисна нето површина за семејно домување во семејна куќа. Ослободувањето од обврската за плаќање може да биде искористено еднократно од страна на барателот.
-Дадовме ветувања и ги остваривме. Бранителите ќе добијат и улици во Ѓорче Петров кои ќе ги носат нивните имиња.
Македонските херои никогаш нема да бидат заборавени. Тие се столбот на Република Македонија.