Граничниот премин Стрезимир – Рестилица на тромеѓето Македонија-Албанија-Косово, од денеска до 1 септември ќе биде отворен за минување за граѓаните од двете земји. Преминот ќе биде отворен секој ден од 8 до 20 часот, а за преминување ќе важат истите правила како и на другите гранични премини, односно патна исправа (пасош или лична карта и зелен картон за автомобил).
По тој повод, во посета на општина Маврово и Ростуше, како што најави градоначалникот Медат Куртовски, ќе биде министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со што ќе се означи привремено отворање на граничниот премин.
– Благодарение на министерот Спасовски и овој летен период повторно ќе можеме да се движиме и дружиме со нашинците од Гора и се надеваме дека овој граничен премин во блиска иднина ќе биде функционален преку цела година во интерес на двете страни. Овој премин ќе биде многу значаен за развојот на туризмот на општините од двете страни на границата, како и за меѓусебното поврзување на жителите од општините Маврово и Ростуше, Центар Жупа и Дебар со жителите на општините Рестелица, Драгаш и Призрен, изјави Куртовски.
За отворањето на привремениот граничен премин, кој се наоѓа на планината Кораб, на тромеѓето Македонија-Албанија- Косово, денеска објави и Минисерството за внатрешни работи на Косово.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, во краткото соопштение на косовското МВР се наведува дека церемонијата на отворањето на граничниот премин ќе се одржи денеска во 12 часот.
Северна Македонија и Косово актуелно имаат два гранични премина – Блаце (Генерал Јанковиќ) и Јажинце (Глобочица).
Граничниот премин Стрезимир – Рестилица, кој подолг период воопшто не функционираше, беше отворен во истиот период во 2018-та, потоа и следната 2019 година, додека лани поради пандемијата не беше отворен. Како привремен, официјално профункционира во август 2003 година и се користеше од март до октомври од 7 до 19 часот. Но, поради несоодветната патна инфраструктура, фреквенцијата беше минимална.
Друштвата на Македонците од подрачјето на Гора бараат преминот да има постојан граничен режим, што значи да биде отворен 24 часа и да може да минува секој. Тие во барањето наведоа дека во отворањето на преминот од Гора гледаат надеж за економска соработка и нивни опстанок.