Архитектот и член на Советот за култура на СДСМ и раководител на работната група на Министерството за култура за анализа на проектот Скопје 2014, Мирослав Грчев во гостување во емисијата „Само Интервју“ на Канал 5 телевизија, вели дека Порта Македонија и спомен куќата на Мајка Тереза од проектот 2014 година треба да се срушат, додека пак другите споменици од овој проект треба да се дислоцираат.
-Случајот со спомен куќата Мајка Тереза, која по габарит е изградена, не е само опремена. Првото тешко прекршување на Уставот е што споменикот е идеја од премиер од влада за уредување на град. Тоа е строго забрането и е спротивно на основната темелна вредност. Не може владата да се бави со нешто што е во надлежност на локална самоуправа. Тоа е диктаторски потег. Тоа што влада дискутира за што да се прави со овој проект е иста грешка како онаа на Груевски, ова е исказ на една импотенција и од политички и од уставно-правен тип. Владата не е надлежна да расправа за тоа. Идејата за пренамена е за мене вон памет. Не е направена студија колку чини демонтирање на тие градби и споменици, нема ни пресметка, ниту е консултиран градежен инженер. Еден аспект е дека вакви прекршувања зрачат со незаконитост, од друга страна улиците се уништени, вели тој.
Грчев додава дека уличниот коридор е најтрајната инфраструктура. Јавните патишта овозможуваат слобода на движење. Ако Порта чинела 7 милиони ќе се сруши за помалку од 70.000 евра.
-Мајка Тереза два пати помалце. Во самите елаборати има екстензивни елаборации и за мерките. Овде има куси упатства на форма на јавна анкета. Другите споменици или скулптури може да се дислоцираат, рече Грчев.