Грчката полиција соопшти дека запленила 500.000 таблети дрога екстази во Солун и уапсила три лица. Операцијата била извршена завчера, а вредноста на таблетите на црниот пазар е проценета на 10 милиони евра.
Полицијата прво уапси 56-годишен возач на камион во кој пронашла 180.000 апчиња. Потоа запрела автомобил во кој пронашла уште 320.000 таблети екстази.
Притоа уапсени се двајца Ирачани, на возраст од 49 и 52 години, од кои едниот е жител на Холандија, а другиот на Грција. Апчињата очигледно биле произведени во Западна Европа и биле наменети за грчкиот и веројатно турскиот црн пазар, изјави неименуван полициски службеник.
Полицијата трага по уште еден возач на камион.