Грчката делегација во Парламентарно собрание на НАТО составена од пет пратеници од различни партии, го напуштила заедничкиот состанокот на Комисиите за политички прашања, одбрана и безбедност, и финансии во Брисел, поради однесувањето на претседавачот, кој, како што велат постојано ги прекинувал додека се обидувале да ги претстават нивните позиции и да постават прашања во врска со Турција, веднаш по излагањето на турскиот амбасадор во НАТО, јави дописничката на МИА од Атина.

Во заедничката изјава, грчките пратеници од Нова демократија, СИРИЗА и Движење на промена, велат дека за време на состанокот тие го споменале и прашањето за договорот меѓу Турција и Либија “кој ги прекршува меѓународното право и суверените права на Грција”. На седницата говорел и амбасадорот на Турција во НАТО, а по неговото излагање грчките пратеници, од една страна сакале да добијат одговори за “прекршувањата на суверените права на Грција”, а од друга страна се стремеле да ги известат нивните колеги од земјите членки на НАТО за “нелегалните активности на Турција”.

-Претседавачот систематски нѐ прекинуваше и во нашите излагања и во нашите прашања, спречувајќи да се развијат нашите позиции. Откако, дури и прекинувани ги завршивме нашите излагања, нашата делегација ја напушти просторијата во знак на протест, осудувајќи ја позицијата на претседавачот пишуваат грчките пратеници во заедничката изјава.