Оставката на Зоран Заев и од премиерската функција и од позицијата претседател на СДСМ, од доцна синоќа е меѓу главните вести во медиумите во Грција, кои ја пренесуваат информацијата, без дополнително да анализираат или коментираат, јави дописничката на МИА од Атина.
„Оставка на Заев по големиот пораз на локалните избори“; „Зоран Заев: Следниот ден во С. Македонија по оставката – „Не“ за предвремени избор“; „С. Македонија: Зоран Заев си поднесе оставка“, се дел од насловите во грчките медиуми.
Поголемиот дел го пренесуваат текстот од грчката новинска агенција АНА-МПА, во кој пишува дека во вчерашниот втор круг од локалните избори „партијата на Зоран Заев претрпе голем пораз“ и додава дека „големиот победник на локалните избори беше десничарската опозиција ВМРО-ДПМНЕ“.
-Оставката на Зоран Заев од премиерската функција, сепак не мора да значи и одржување на предвремени парламентарни избори во С. Македонија. Самиот Заев во изјавата за оставка повтори дека актуелната влада има уште две и пол години за да го заврши својот мандат и треба да продолжи со својата работа, пишува АНА-МПА.
Ги објаснува можните сценарија и додава дека „сигурно е дека од денеска С. Македонија има Влада во оставка“.
Информативниот портал „Етнос“, исто така ја пренесува изјавата на Заев дека не се потребни предвремени избори, но пишува и што предвидува Уставот во случај на оставка на премиерот.
Дел од онлајн изданијата на медиумите, како и информативните портали, доцна синоќа веднаш по прес конференцијата на Заев, како вонредна вест, информираа за неговата оставка.