Потпишување меѓународен договор, рок за промена на Уставот, со Европската унија како гарант, е сценариото за решение меѓу Скопје и Атина, кое се споменува во новинарските кругови во Грција, а го објавуваат и дел од медиумите кај јужниот сосед, меѓу кои и телевизиите „Антена“ и „Стар“, јави МИА од Атина.
– Доколку има успешен завршеток, следните чекори на планот за решение ќе бидат: потпишување Меѓународен договор со преоден период за промена на Уставот, а гаранти ќе се ОН и Европската унија, додека, пак, во однос на името, предлогот Горна Македонија е на масата, а одново влегува и името Нова Македонија, објави вчера грчката телевизија „Стар“, во синоќешното централно издание на вестите.
Меѓу сценаријата што кружат е и тоа за потпишување и ратификација во двата парламенти на еден меѓународен договор, во кој не е исклучено Европската унија да влезе како гарант, за да се гарантира дека ќе се запази рокот, но и чекорите кои Скопје ќе биде обврзано да ги направи за да се вклучи ерга омнес, односно дека новото име ќе биде едно за севкупна употреба, објави телевизијата „Антена“.
Откако самиот грчки премиер откри дека со неговиот македонски колега останале будни цела ноќ, грчките телевизии објавија дека Заев и Ципрас разговарале од 12 часот на полноќ, до 3.30 наутро, во хотелот во кој престојувале и двајцата, веднаш по работната вечера на европските социјалисти, во средата вечерта.
Во прилозите во централните изданија на синоќешните вести, новинарите акцентот го ставија на позитивната и конструктивна средба, на Самитот на ЕУ како краен рок за договор и месец јуни како одлучувачки за решение, но и на договорот што евентуално би се потпишал во Преспа, а ги пренесуваат и изјавите на двајцата премиери.
Слушнавме две различни варијанти и тоа ги изненади сите, коментираше новинарот од грчката државна телевизија „ЕРТ“ во однос на изјавата на македонскиот премиер, кој рече дека постои една прифатлива опција за решение и на грчкиот премиер, кој потенцираше дека има напредок, но е рано да се говори за договор.
Два различни владини извори ни потенцираа две работи: Прво, ако има следна средба, тоа ќе биде средба за договор и ќе се одржи во Преспа и второ разговорите во Скопје се насочени кон тоа како Зоран Заев би можело да обезбеди мнозинство, објави грчката телевизија „Скај“ и објасни дека следниот чекор е министрите за надворешни работи на двете земји да ја подготват следната фаза за разговори.
Вчерашната средба на македонскиот и грчкиот премиер во Софија е главна тема во Грција, а беше и прва тема во синоќешните централни изданија на вестите на грчките телевизии, но се најде и на насловните страници на денешните изданија на весниците, јави МИА од Атина.
„Катимерини:“ Поблиску договорот со ПЈРМ; „Та неа“: Дај- земи за името и долгот; „Етнос“: Поблиску до договор со Скопје; „Ефимерида тон синдактон: Проба за решение со име- изненадување; „Авги“: Решение на хоризонтот, се насловите на денешните насловни страници на весниците во Грција.