Нема шанси повторно да се затвори царинска служба на граничен премин и тоа го нагласувам јасно, истакна министерот за заштита на граѓаните на Грција, надлежен за полицијата Михалис Хрисоходис говорејќи за блокадите на земјоделците, јави дописничката на МИА од Атина.
Во интервју за радиото „Скај“, Хрисохоидис посочи дека Владата покажа огромна толеранција за сето она што се случува во економијата на земјата веќе 40 дена со протестите на земјоделците и се запраша „кој презема одговорност и затвора царини со денови, што значи илјадници камиони кои пренесуваат десетици или стотици илјади тони производи кои ја снабдуваат земјата и предизвикуваат милионски загуби?“, но исто така и кој ќе ги плати нанесените штети.
– Нема шанси повторно да се затвори царинска служба и тоа го нагласувам јасно. Тоа се влезовите на земјата, имаме огромни проблеми, нè пријавуваат другите земји во Европската Унија, но не е само тоа, главно е дека се попречува функционирањето на економијата, се попречува работењето на бизнисите кои бараат снабдување со производи, со суровини, гориво и слично. Ова не може да продолжи. Обесштетувањата што ќе се побараат ќе бидат огромни, посочи Хрисохоидис.
Протестите на земјоделците започнаа на 30 ноември со блокади низ цела Грција, како и на граничните премини кон нашата земја, кон Бугарија и Турција, а во изминатите 45 дена доста често го блокираа сообраќајот за влез и излез од грчка територија, на некои премини за сите возила, на некои само за камиони.
Земјоделците попладнево одржаа нов состанок на кој присуствуваа претставници од сите 62 блока и одлучија нивна делегација од 25+5 лица претставници на земјоделците, сточарите, рибарите и пчеларите да се сретнат со грчкиот премиер на датум што ќе биде одреден од Владата.
Паралелно, тракторите, како и досега ќе останат паркирани на блокадите.




