Во грчкиот град Кожани во северниот дел на земјата, од утре наутро се воведуваат построги мерки за заштита од дополнително ширење на коронавиурсот, јави дописничката на МИА од Атина.
Мерките, што попладнево ги соопшти заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас се идентични како и оние кои денеска стапија во сила во три атински општини.
Полицискиот час ќе биде од 18 часот до 5 часот наутро, ќе се затвораат сите продавници за малопродажба што беа отворени за услугата „click away“, како и фризерските салони и берберниците, салоните за маникир и педикир, пазарите, книжарниците, се забранети секаков вид на религиозни ритуали, ќе се спроведуваат тестирања со брзи тестови, но ќе се прават и масовни ПЦР тест на вработените во компаниите во конкретните населби.
Паралелно, на денешната редовна прес конференција во Министерството за здравство на Грција, беше презентирана платформа за бесплатно тестирање на граѓаните за Ковид-19, а целта е дневно да се прават по 12.000 брзи тестови.
Платформата ќе биде достапна од понеделник, додека првите регистрирани граѓани ќе се тестираат една седмица подоцна.
Во цела Грција ќе има 386 пунктови за тестирање и во целиот процес ќе помага и војската.
Во изминатите 24-часа во Грција се регистрирани 96 смртни и 916 нови случаи на Ковид-19, со што бројот на починати се зголеми на 4.044 лица, а на заразени на 129.584 лица