Грција го зголеми од седум на десет дена карантинот за патниците кои од Велика Британија ќе влезат во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.
Иако вчера беше најавен седумдневен карантин, од денеска во сила е нова одлука според која, согласно Службата за цивилно воздухопловство на Грција, сите оние кои во земјата ќе пристигнат од Велика Британија потребно е да бидат десет дена во карантин, а негативен ПЦР тест на десеттиот ден е предуслов за завршување на изолацијата.
Освен карантинот, како и за сите патници во Грција, за влез во земјата задолжителен е и негативен ПЦР тест, а по пристигнувањето се вршат и рапид тестови.
Во Грција, од петокот во сила е одлуката за сите оние кои пристигнуваат за новогодишните и божиќните празници, освен тестовите, задолжително да бидат во тридневен домашен карантин.