Дел од сопствениците и менаџерите на кафулињата и ноќните клубови во деловите на Грција каде што од вчера, во сила е ограниченото работно време, најдоа решение за одлуката да затвораат на полноќ, па така предвидените забави ги поместија порано, јави дописничката на МИА од Атина.
Наместо на полноќ или по полноќ,сега ќе започнуваат во 19 и 20 часот, според она што веќе го соопштија дел од клубовите и баровите.
Закажаните настапи, популарните бузуки на грчкиот пејач Никос Вертис планирани за август во Солун, следните два викенди ќе заочнуваат во 19.30.
Ноќен клуб на Халкидики, каде што исто така важи забраната, сега веќе почнува со работа во 19 часот, на Крит во 20, на Родос од 21 часот.
Во регионот источна Македонија и Тракија, во градовите Солун, Лариса, Волос, Катерини, на Халкидики, како и на островите Крит, Крф, Миконос, Парос, Санторини, Родос, Андипарос, Закинтос и Кос, до 23 август е воведено ново, ограничено работно време на угостителските објекти, кафулињата, баровите, ноќните клубови и слично, односно ќе треба да затвораат на полноќ.
За непочитување на мерката, предвидена е казна од 10.000 евра.