Активирање на надлежните државни органи за итно и трајно отстранување на корисници и трговци со дрога од деловите и улиците во непосредна близина на Атинскиот Универзитет за економија и бизнис, бара ректоратот, кој одлучи, поради лошите услови во околината на објектот, денеска, да се откажат сите предвидени предавања и активности за студентите.
Како што јави МИА од Атина, Универзитетот симболично е затворен, а од Ректоратот соопштуваат дека континуирано одржуваат состаноци за одново да се разгледа ситуацијата, а воедно донесоа резолуција, според која сѐ уште постојат и во последните денови се влошени условите кои „создаваат големи опасности по безбедноста и здравјето на студентите и вработените и предизвикуваат страв и голема загриженост кај вработените, но и кај студентите, со резултат да бидат обесхрабрени да доаѓаат на предавањата“.
– Ректоратот, со чувство на одговорност, изразувајќи ја агонијата на универзитетската заедница, пред сѐ на илјадниците студенти и со цел заштита на правата на безбедност и хигиенски услови, одлучи симболично да ја одложи академската работа на додипломските студии на Универзитетот во среда 24 октомври 2018, за да се активираат надлежните државни органи за итно и трајно отстранување на трговците со дрога и корисниците на наркотични средства од местата и улиците што се во непосредна близина на Универзитетот, пишува во резолуцијата на Ректоратот на Атинскиот Универзитет за економија и бизнис.