Практична поддршка од НАТО и поактивно учество на Алијансата во справувањето со мигрантскиот проблем и мигрантските бранови во Егејското Море, побараа претседателот на Грција Прокопис Павлопулос и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис од Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг за време на нивните вчерашни средби, jави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис рече дека од Столтенберг побарал поактивно учество на НАТО во справувањето на меѓународниот проблем и истакна дека е важно присуството на Алијансата во мисијата во Егејското Море.
-Побарав и разговарав со генералниот секретар за спектарот можности на мисијата на НАТО во Егејското Море. Сметам дека е корисна мисија и би ја онеправдале нејзината важност ако кажеме дека не одигра никаква суштинска улога Не го делам ова мислење и затоа побарав од генералниот секретар, од Алијансата и секако од земјите членки да го зајакнат нивното присуство во рамките на SNMG2 мисијата на НАТО во Егејското Море со повеќе бродови, рече грчкиот премиер.
Генералниот секретар на НАТО на заедничката прес конференција по средбата со грчкиот премиер истакна дека присуството на алијансата во Егејското Море е од особена важност бидејќи беше средство за да се осигура дека е имплементиран договорот меѓу Турција и ЕУ, но и поради споделувањето на информации.
Столтенберг истакна дека нивниот мандат не е да ги запрат чамците, туку да споделуваат информации, дополнувајќи дека бродовите на НАТО честопати се во можност први да ги видат чамците.
-Свесен сум дека сè уште има нелегални премини и дека сè уште се соочувате со предизвикот поврзан со бегалската и мигрантската криза во Грција и исто така се бележи пораст во последните месеци. Но, нивото, бројот, се целосно различни во споредба со периодот пред договорот и пред да започне активноста на НАТО. Значи, да, сè уште имаме некои предизвици. Да, имаме уште работа. Ги повикав сојузниците од НАТО да обезбедат бродови, бидејќи повеќе бродови ќе го зајакнат присуството и ќе продолжам да ги повикувам сојузниците да обезбедат повеќе бродови, рече Столтенберг.
Грчкиот претседател Прокопис Павлопулос на средбата со генералниот секретар на НАТО истакна дека Алијансата треба практично да ја поддржи Грција во справувањето со бегалскиот/ мигрантскиот проблем.