Во бродот од островот Егина, кон Атина, доцна синоќа, не се почитувале мерките за растојание меѓу патниците при влезот, ниту пак носеле маска, според фотографиите што ги објави онлајн изданието на весникот „Прото тема“, додека пак забавите продолжуваат да се одржуваат во барови и кафулиња на Миконос, но и во други грчки градови, јави дописничката на МИА од Атина.
За гужвите во бродот и непочитувањето на мерките, весникот коментира дека не постоела контрола ниту од крајбрежната служба, ниту од членовите на екипажот.
На островот Миконос, откако беше затворен бич бар, сега Грците најдоа нов начин на забава, во приватни вили, без да постои некаква контрола, според телевизијата „Open“.
На забава организирана во саботата присуствувале 200 лица, не се почитувале превентивните мерки, ниту пак бил евидентиран и пријавен приходот од влезниците од присутните.
Гужви и непочитување на мерките, за време на викендот имаше и во кафулиња и ноќни клубови како во Атина, така и во други грчки градови, а надлежните, во саботата изрекоа две казни во висина од 3.000 и 10.000 евра и затворија на 15 дена две атински кафулиња.
Од почетокот на епидемијата, во Грција регистрирани се 3.266 позитивни случаи на Ковид-19, а починаа 190 лица.
Од регистрирани вкупно 29 нови случаи во текот на викендот, според телевизијата „Скај“, 13 се „увезени“, односно од лица кои пристигнале во земјата или авионски (девет) или преку граничниот премин Промахонас со Бугарија (четири позитивни случаи), што воедно е и единствената отворена копнена граница.
Според информативниот портал „Њуз247“, од 145 регистрирани случаи во измината седмица, односно во периодот од 15 до 21 јуни, 25 биле кај лица кои дошле од странство, грчки државјани или туристи.
Паралелно во градот Парамитиа во областа Епир, откако вчера беа откриени седум нови случаи, денеска се затворени основните училиштата.