Прелиминарни биле разговорите меѓу министрите за туризам на Грција и Србија за време на нивната вчерашна онлајн средба околу сертификатот за вакцинација и не постоел конечен договор, објасниле извори од Министерство за туризам на Грција за грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.
Евентуален договор околу заеднички меморандум, не се споменува ниту во соопштението за средбата објавено од министерот за туризам на Грција.
Откако надлежната српска министерка Татјана Матиќ соопшти дека со нејзиниот грчки колега Харис Теохарис, како што вчера објави МИА, договориле и усогласиле Меморандум за разбирање за периодот од 1 мај до 1 октомври, според кој вакцинираните граѓани од двете земји слободно ќе можат да влегуваат во Грција и Србија и ќе постои заемно признавање на електронскиот сертификат за вакцинација, извори од грчкото Министерство за медиумите рекле дека не постои конечен договор.
-Како што истакнаа надлежни извори од Министерството за туризам за iefimerida.gr, за време на разговорите со Татјана Матиќ немаше некој конечен договор, а разговорите беа ограничени на техничката поддршка од Грција за сертификатот за вакцинација предложен од премиерот Кирјакос Мицотакис, пишува информативниот портал „Ајефимерида“.
Во однос на средбата министерот за туризам на Грција Харис Теохарис, преку неговиот официјален сајт соопшти дека од неговата српска колешка бил информиран за интересот на Србите да ја посетат Грција за време на летната сезона, Матиќ го поканила Теохарис да го посети Белград и побарала пренесување на техничкото знаење и помош за грчкиот предлог за сертификатот за вакцинација.
-За време на разговорите што се одржаа во особено срдечна атмосфера, министрите за туризам на Грција и Србија разменија идеи и мислења во врска со отворањето на туризмот и се согласија наскоро да продолжат со соработката, пишува во соопштението на официјалниот сајт на грчкиот министер.