Студентите во Атина, но и во други грчки градови денеска ќе одржат нови протести за повторно да го изразат нивното незадоволство за промените во високото образование на надлежното министерство, за кои од вчера почна расправата во парламентот, јави дописничката на МИА од Атина.

Гласањето на новиот закон, иако првично беше закажано за денеска, а поради тоа и студентите одржуваат протест, се поверојатно е дека ќе се одржи утре и  расправата наместо два, ќе трае три дена.

На почетокот од вчерашната расправа, од СИРИЗА, поради пандемијата побараа да се замрзне процедурата, додека пак од Движење за промена , од Комунистичката партија и од МЕРА25 побараа да се одложи гласањето, нешто што не беше прифатено од министерката за образование.

Предлог законот на Министерството за образование на Грција за „Упис во високо образование, заштита на академската слобода, надградба на академската средина и други одредби“, според грчките медиумите, меѓу другото предвидува, воведување на ограничено време за студирање, односно на шест години за оние што се на факултетите со четири години и осум и девет години за високото образование што трае пет, односно шест години, но и промени во бројот на поени за запишување на факултет, како и можноста за формирање универзитетска полиција.

Надлежната комисија, минатата седмица го одобри новиот закон, но само со позитивен глас од пратениците на Нова демократија. Против законот беа сите опозициски партии со исклучок на Грчко решение, кои став ќе заземат на пленарната седница.