Инспектори од Дирекцијата за борба со економски криминал од Министерството за финансии на Грција и од Агенцијата за контрола на храна откриле и заплениле околу седум тони расипано месо и месни производи, небезбедни за консумација, во компанија за трговија на големо со седиште во атинското предградие Пиреас, јави дописничката на МИА од Атина.
По ревизијата на даночните податоци за 2020 година, произлегло дека конкретната компанија нејзините производи ги дистрибуирала во над 50 болници низ целата земја, како и во касарни, затвори, центри за прием на малолетни лица, општински претпријатија, центри на невладини организации наменети за прием на бегалци итн.
Меѓу седумте тони конфискувано месо имало пилешко, свинско и говедско месо, салами, колбаси, сланина и сл.
Како што соопштија од Министерството за финансии на Грција, Службата за борба со економски криминал веднаш ги известила надлежните министерства како и перифериите за конкретната компанија за трговија со месо на големо за да се изврши проверка на месото набавено во текот на годинава.