На 25 февруари 2020 година, ден пред и официјално да биде соопштен првиот позитивен случај на новиот коронавирусот во Грција, портпаролот на грчката влада Стелиос Пецас, на тогашниот брифинг со новинарите и странските дописници информираше дека Владата изготви законски акт со мерки за избегнување и ограничување на ширењето на Ковид-19.
Меѓу другото, соопшти дека предвидува контроли и ограничувања; привремено, целосно или делумно ограничување на авионското, морското, железничкото или патното поврзување со земјите во кои има големо ширење на вирусот; привремено прекинување на работата образовните институции, просторите за религиозни собири, театрите, кината, местата за спортски и уметнички настани, деловни активности, јавни служби и генерално затворени простори за собир на јавноста.
И можеби тогаш, сето тоа звучеше како едно нереално и далечно сценарио, сега, еден месец подоцна Грција го живее она што тогаш беше „само на хартија“.
– Ние ги даваме мерките за најлошото можно сценарио. Се подготвуваме за да можеме да се справиме со ова најлошо можно сценарио, но не значи дека ќе треба да се активираат сите овие мерки, објасни тогаш портпаролот на грчката Влада.
Грците, денеска веќе шести ден живеат во ритамот на целосна забрана на движењето и „остануваат дома“, како што е слоганот на кампањата на Владата.
Дописничката на МИА од Атина, ги анализира настаните кај јужниот сосед, од првиот позитивен случај, заклучно со вчера, но и мерките кои што ги презеде грчката Влада во изминатиот месец.
Првиот случај на Ковид-19 во Грција беше регистриран на 26 февруари 2020 година во Солун, а еден месец подоцна, во земјата веќе има 966 заразени, но и 28 смртни случаи.
– Текот на епидемијата на вирусот во земјата ќе биде во зависност од мерките и нивното почитување. За сега нема знаци на драстично зголемување. Во никој случај опасноста не е надмината. Уште сме во битката, да не речам на почетокот на битката, рече завчера претставникот на Министерството за здравство на Грција, професорот епидемиолог Сотирис Циодрас кој е надлежен за новиот коронавирус и го води експертскиот тим, но и секојдневно ја информира јавноста за текот на Ковид-19 во земјата.
Во Грција за 15 дена беа регистрирани 28 жртви, додека пак епидемиолозите во земјата велат дека ситуацијата е сѐ уште под контрола и е согласно со предвидувањата и математичките модели.
И додека во првата седмица, во периодот меѓу 26 февруари и 4 март, бројот на нови случаи се броеше на прсти, откако се откри дека меѓу заразените е и еден 67-годишен маж кој бил на аџилак во Египет и во Израел, бројот на позитивни започна да расте.
Заразениот маж не бил сам, туку патувањето било групно, со автобуски и авионски превоз од Пелопонез.
За три дена беа потврдени 57 нови случаи, заразени речиси сите лица кои биле на патувањето, но и нивни контакти.
По што следеше и првиот бран превентивни мерки, најпрво во регионите од каде што беа заразените и се затворија сите образовни институции, кина, театри, музеи, се забранија масовни собири, се откажаа спортски и културни настани.
Мажот за жал ја загуби битката со новиот коронавирус и по неколкудневно лекување на интензивна нега, почина. Воедно, беше и првата жртва на Ковид-19 во Грција.
Според локалните медиуми, мажот имал тешка операција на срцето и си ветил дека доколку биде успешна, заедно со неговата сопруга, ќе замине на поклонение во Светата земја. Токму ова патување, се покажа кобно за 67- годишниот човек.
Од 8 март, кога во земјата беа регистрирани 73 случаи, од кои 66 за само четири дена, Владата почна постепено да воведува превентивни мерки.
Започна со одложување на сите конференциски настани и затворање на центрите за заштита на стари лица, откажување на екскурзии и одржување спортски натпревари без публика.
Следеше одлука за затворање на Универзитетите, училиштата и градинките, на 10 март, кога земјата имаше 89 потврдени случаи, а по првата регистрирана жртва на 12 март и затворени судови, кина театри, ноќни клубови, фитнес центри.
Ден подоцна, со веќе 190 заразени граѓани, беше соопштено дека се затвораат и трговските центри, кафулињата, рестораните, таверните, спортските центри и слично.
Грција на 15 март го прекина и патното, морското и авионското поврзување со Северна Македонија и Албанија, со исклучок на транспорт на стоки. Пред неколку дена тоа го стори и со Турција.
Се донесе забрана за собири на повеќе од десет лица, се затворија сите хотели во земјата до крајот на април.
Паралелно грчката Влада апочна со кампањата „Остануваме дома“, а премиерот Кирјакос Мицотакис за 11 дена четирипати им се обрати на граѓаните. Ги повикуваше да се придржуваат на превентивните мерки, да избегнуваат непотребни движења и да останат дома.
Грците, пак, масовно ги празнеа супермаркетите, но и го користеа убавото време за прошетка на плажа или некој парк.
Пазарите беа полни, а но и неделните литургии во црквите.
Впрочем за раздвиженоста во грчката престолнина, и покрај превентивните мерки, на неколку пати објавуваше дописничката на МИА од Атина.
Откако Светиот Синод на грчката Православна црква, на почетокот тврдеше дека со причестувањето не се пренесуваат болести, потоа на вонреден состанок заседаваше токму за новиот коронавирус, но не донесе јасна одлука, „пресече“ Владата – до 30 март да се прекине работата на црквите, со исклучок на индивидуалната молитва и погребите.
На десет дена по регистрираната прва жртва, со 624 потврдени случаи на Ковид-19 и 15 починати лица, откако голем дел од граѓаните не се придржуваа до мерките и наместо дома, посетуваа плажи, паркови, но и заминаа во нивните села или викендички, грчкиот премиер, минатата недела соопшти целосна забрана за движењето на граѓаните, со само неколку исклучоци, меѓу кои посета на лекар, аптека, супермаркет, за физичка активност или прошетка на домашно милениче и тоа само со специјална потврда.
– Во Италија, за жал, на секои две минути починува по еден човек. А ситуацијата се влошува насекаде во светот. Должен сум, да не дозволам, нашата земја да помине низ таков тест. Не смееме да стигнеме до степен да избираме кој ќе живее и кој ќе биде изгубен. Мојот избор е еден и единствен: Животот и здравјето на Грците, порача Мицотакис во неговото последно обраќање во неделата.
Секојдневието на Грците, сега е целосно променето, оние кои неопходно е да одат на работа, мора со себе да ја имаат и потврдата од работодавачот.
По улиците е намален сообраќајот, а зголемено полициското присуство во рамките на редовните и интензивните контроли за почитување на забраната за движење.
Освен за спречување на дополнително ширење на коронавирусот, грчката влада преземе мерки и за поддршка на бизнисите и вработените погодени од новата криза.
Веќе се соопштени три пакет мерки во висина од шест милијарди евра за март и април кои се однесуваат на околу 600.000 бизниси и 1,2 милиони вработени лица.
Сања Ристовска за МИА