Од 6 часот утрово, до 1 февруари, во Грција во сила е забрана за јавни собири на над 100 лица со одлука на началникот на грчката полиција, а за прекршувачите предвидени се казни од 300 до 5.000 евра, јави дописничката на МИА од Атина.
Одлуката, како што соопштуваат од грчката полиција е откако била земена предвид препораката од надлежната Комисија на епидемиолози од 22 јануари за максимален број учесници на јавни собири на отворено, односно до 100 лица, но и за да се спречи дополнителното ширење на коронавирусот.
Извори од полицијата, за грчките медиуми објасниле дека конкретната одлука не е поврзана со никаков закажан протест и не се однесува на присуството на граѓаните во областите поврзани со трговијата, односно продавниците и сл.
За прекршување на мерката предвидена е парична казна од 5.000 евра за правни и 3.000 евра за физички лица кои организираат јавни собири на отворено и казна од 300 за учесниците.
Дел од медиумите во Грција забраната за јавни собири на над 100 лица, ја коментираат како дозвола за собири на групи до 100 лица.