Во изминатите 24 часа во Грција се регистрирани 203 нови случаи на Ковид-19, што е рекордно висок број за земјата, но и број што од ден на ден се зголемува, јави дописничката на МИА од Атина.
Според официјалните податоци од Националната организација за јавно здравје на Грција, во изминатото деноноќие почина уште едно лице, а од новите случаи, 29 се по направените тестови на влезните точки во земјата, додека, пак, зголемен е и бројот на пациенти кои се приклучени на апарати.
Од почетокот на епидемијата, заразени се вкупно 5.623 лица, а регистрирани се 212 смртни случаи.
Грчките медиуми објавија дека поголемиот број нови случаи повторно се во Атина и Солун, 38 и 35, додека, пак, 50 се на Халкидики, поврзани со фабрика за обработка на маслиново масло. Останатите случаи се распространети во различни делови на Грција.