Од 6 часот утрово, за сите патници кои во Грција ќе пристигнат од Велика Британија задолжителен е домашен карантин од седум дена, соопштија од Секретаријатот за цивилна заштита на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Освен карантинот, како и за сите патници во Грција, задолжителен е и негативен ПЦР тест, а по пристигнувањето се вршат и рапид тестови.
Од Секретаријатот за цивилна заштита додаваат дека Комисијата на епидемиолози од Министерството за здравство на Грција денеска ќе одржи состанок на кој ќе се оценат епидемиолошките податоци и доколку е потребно ќе донесат нови препораки.
Во Грција, од петокот во сила е одлуката за сите оние кои пристигнуваат за новогодишните и божиќните празници, освен тестовите, задолжително да бидат во тридневен домашен карантин.