Редици од патници и доцнење на бродови на атинското пристаниште Пиреас, предизвика рано утрово штрајкот на еден од поморските синдикати во Грција, што од судот беше прогласен за незаконски, јави дописничката на МИА од Атина.
Грчката поморска федерација учествува во генералниот штрајк на Синдикатот на вработени во јавниот сектор што беше закажан за денеска, меѓутоа се одложи за следниот четврток, а едно од здруженијата- членови на федерацијата, реши сепак утрово да одржи штрајк на најголемото атинско пристаниште.
Членови на здружението го блокираа пристапот до траектот за Санторини, Парос и Наксос, што требаше да тргне кусо пред 7.30 часот, а штрајкот заврши час и половина подоцна.
Министерот за поморство на Грција Јанис Плакиотакис рече дека денешниот штрајк беше прогласен за незаконски, а „изборот на еден синдикат да биде вон законската рамка е погрешна практика, која е насочена против патниците и не му служи на синдикалното движење“.
Додава дека Министерството веднаш реагирало за да се спречат непријатностите за патниците.
-Целта е постигната и бродовите веќе заминуваат, истакна Плакиотакис.
Штрајкот и собирот рано утрово беше за да се изрази незадоволството за новиот закон на Владата за работните односи, а токму затоа, следниот четврток синдикатите ќе одржат генерален штрајк.