Грчката крајбрежна служба откри и заплени 46 килограми и 710 грама кокаин во товарен брод што пловел под знаме од Маршалските острови, а од Бразил пристигнал во Коринт и уапсени се 23 членови на екипажот за поседување и трговија на дрога, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што соопштија од грчката крајбрежна служба, информацијата дека товарен брод што плови кон Грција, можно е да пренесува дрога, стигнала од канцеларијата во американската амбасада во Атина на Службата за борба со дрога на САД (ДЕА).
Контролата на трупот на бродот ја извршиле припадници на специјалната нуркачка единица, при што бил откриен кокаинот, спакуван во 38 пластични пакувања.
Од грчката крајбрежна служба објавија видео од откривањето на дрогата.