До 16 часот, во петте болници во Атина, беше вакцинирано 471 лице, а беше пријавен случај на алергиска реакција, но која не е сериозна и успешно беше третирана, рече генералниот секретар во Министерството за здравство на Грција Мариос Темистоклеус на денешната редовна прес конференција за планот за вакцинација, јави дописничката на МИА од Атина.
Темистоклеус објасни дека вакцинацијата од утре почнува во четири болници во Патра, Солун, Лариса и Јанина, а ќе продолжи и во Атинските болници, а планот е во периодот од 4 јануари до 20 јануари сите здравствени работници, персоналот и згрижените во домовите за стари лица да ја имаат примено првата доза.
Граѓаните кои ќе се вакцинираат, како што објасни Темистоклеус, ќе имаат можност, откако ќе ја примат и втората доза, да добијат потврда за вакцинација, што ќе биде исклучиво за нивна лична употреба.
Паралелно истакна дека во Грција, утре ќе пристигне првата голема пратка од 83.850 дози од вакцината на Фајзер/БиоНТек.
-Седмично ќе следат и следните пратки на вакцината на Фајзер соодветно со бројот на жителите и врз основа на централниот европски договор и до крајот на јануари ќе ни бидат доставени 419.250 дози и други 333.450 дози до крајот на февруари. До крајот на март, од Фајзер, ќе имаме добиено 1.255.800 дози и оваа бројка веројатно е да се зголеми ако Европската унија постигне договор за дополнителни 100 милиони дози, објасни генералниот секретар во Министерството за здравство на Грција.
Во изминатите 24-часа во Грција се регистрирани 476 нови и 66 смртни случаи со што бројот на заразени од почетокот на епидемијата се зголеми на 135.931 лица, а починаа вкупно 4.672 лица.