Од почетокот на мај, единици на Националната организација за јавно здравје, ќе започнат со вакцинација во прифатните центри за бегалци и мигранти, вели министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис во интервјуто за грчката новинска агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина.
Митаракис истакнува дека бегалските кампови не се соочени со ширење на коронавирусот, па затоа како вработените, така и оние кои се сместени, ќе се вакцинираат кога ќе дојдат на ред, врз основа на нивната возраст и додава дека повеќето од бегалците и мигрантите се млади лица.
-Врз основа на изготвениот план со Министерството за здравство, Националната организација за јавно здравје и Националната комисија за вакцинација, проценуваме дека од почетокот на мај, кога бројот на лица кои ќе треба да се вакцинираат ќе започне да се зголемува, ќе почнат да се вакцинираат и сместените во камповите, вели Митаракис.
Министерот за миграција и азил на Грција, заедно со европската комесарка за внатрешни прашања Илва Јохансон, денеска се на грчките острови Самос и Лезбос, каде што ќе остварат средби со локалните власти и ќе ги посетат прифатните центри за бегалци и мигранти.