Не може една компанија да биде во опасност да се затвори, бидејќи еден вработен сака да го искористи неговото наводно право да не се вакцинира, компанијата може да отпушти вработен, ако работникот ја изложува компанијата на ризик, рече министерот за развој и инвестиции на Грција, Адонис Георгиадис во интервјуто за грчката телевизија „ЕРТ“, јави дописничката на МИА од Атина.
Георгиадис истакна дека е очигледно дека оној кој ќе одлучи дека не сака да се вакцинира, знаејќи дека тоа ги загрозува животите на неговите сограѓани, „не може да ги има истите степени на слобода што ќе ги имаат вакцинираните“.
-Сопственик на голем хотел вчера дојде во мојата канцеларија и го покрена прашањето дека мал дел од персоналот не сака да се вакцинира. Заклучивме дека ќе треба да ги информираме вработените дека за безбедноста на компанијата, ќе треба сите да се вакцинираме, а оној кој не сака да се вакцинира, ќе треба да ги сноси и последиците од неговата одлука. Не може една компанија да биде во опасност да се затвори бидејќи еден вработен сака да го искористи неговото наводно право да не се вакцинира. Според постоечкиот закон за работни односи, компанијата може да отпушти вработен, ако работникот ја изложува компанијата во опасност – рече Георгиадис.
Во интервјуто за „ЕРТ“ се осврна и на олеснувањата кои во иднина ќе ги имаат вакцинираните, како пример споменувајќи го пристапот до затворените простори, но сепак објасни дека овие одлуки ќе бидат донесени кога ќе има доволен број вакцини и можност за сите да се вакцинираат.