Жителите на грчките острови најтешко погодени од бегалската криза во земјата протестираа во центарот на Атина против плановите на владата за изградба на кампови.

Официјалните лица го откажаа состанокот планиран за денеска со владата и организираа демонстрации пред парламентот, на кои им се придружија неколку стотици островјани.

Лезбос, Самос и три други острови во источниот дел на Егејот се борат да се справат со пренатрупаните бегалски кампови и мигранти по нивното пристигнување од блиската Турција.

Грчката влада на почетокот на оваа недела објави иницијативата за изградба на притворски објекти на пет острови, тврдејќи дека овој чекор е клучен за правилно организирање на регистрацијата на барателите на азил и депортацијата на мигрантите на кои им е одредена меѓународна заштита.

Меѓутоа, островските власти планираат законски да ја стопираат и блокираат изградбата на местата каде се планираат нови кампови. Стратис Кителис, градоначалник на главниот град на Лезбос, Митилена, рече дека протестите започнале откако владата не успеала да го исполни ветувањето за драстично намалување на бројот на мигранти на островот во текот на зимските месеци.

„Не веруваме во нивните гаранции дека сите постојни структури ќе бидат затворени“, рече Кителис.

„Луѓето на островите … ги отворија своите домови и го дадоа она малку што го имаа за да им помогнат (бегалците), но за жал заради лошата политика, ситуацијата сега е надвор од контрола“, рече тој, додавајќи дека Европа поставила ѕидови против нив и ги заробила имигранти и бегалци на нивниот остров.